Симеоне: Разочарани сме, Челзи покажа дека е моќен и заслужено победи

По двомечот со Челзи, лидерот во шпанска Примера, Атлетико Мадрид ги заврши своите настапи во Лигата на шампионите, затоа што ги загуби двата натпревари од лондонскиот гигант.

Синоќа, на „Стемфорд Бриџ“ мадриѓани одново немаа сили за надигрување против момците на Томас Тухел, а по дербито Диего Симеоне истакна дека е многу разочаран на елиминацијата, но спортски му честита на противникот за извојуваната победа.

„Во првиот дел се обидовме да нападнеме со четворица и им вршевме притисок, но не успеавме да ја „украдеме“ топката онолку високо колку што сакавме. Пробавме и со нова тактика и нов притисок, но противникот имаше одговор и на тоа. Челзи беше многу силен во одбраната, секогаш на вакви натпревари се сведува на тоа да ги искористиш шансите, а ние немавме многу. За нас ова е разочарувачка вечер, но победи подобриот тим“, рече аргентинскиот стратег.

Покрај Челзи, во четвртфиналето во Лигата на шампионите се пласираа уште Манчестер Сити, Ливерпул, Порто, Баерн Минхен, Борусија Дортмунд, Реал Мадрид и ПСЖ.