Симеоне против лошата традиција, дали Атлетико ќе му направи услуга на Реал?

Вечерва се очекува вистински спектакл на „Камп Ноу“ на кој Барселона нема право на грешка во дуелот со Атлетико Мадрид.

Лошите односи на Кике Сетиен и фудбалерите се пред вистински тест против една од најнезгодните екипи во Примера. Најдобриот фудбалер на Каталонците, Лионел Меси, не знае за погодок три кола во низа, па вечерва ќе мора да покаже зошто е на врвот на светскиот фудбал, ако сака да ја задржи својата екипа во трката за титулата со Реал Мадрид.

Лоша вест за сите приврзаници на „јорганџиите“ е скорот на Симеоне на првенствените средби со Барса. Досега Аргентинецот го водел тимот во 16 натпревари и не победил ниту еднаш. На 11 натпревари загубил, а само пет пати успеал да извлече бод. Меѓутоа, мадриѓани играат во одлична форма откако започна завршницата од сезоната, па сигурно ќе бидат мотивирани да ја продолжат победничката серија кај лутиот ривал.

Влогот е голем кај едните и кај другите. Домашните фудбалери не смеат да си дозволат нов кикс, во спротивно Реал ќе биде многу блиску до шампионскиот трофеј. Гостите, пак, со три бода ќе го зацементираат своето место во групната фаза од Лигата на шампионите наредната сезона.

Шпанските медиуми предвидуваат дека Сетиен ќе излезе со триото Суарез-Меси-Гризман, а од првата минута шанса ќе му даде на Иван Ракитиќ Хрватот игра солидно кога ќе добие шанса, а сега тоа би можело да биде од самиот старт.

Атлетико нема многу да менува во однос на изминатите неколку натпревари. Нападот се очекува да го предводат Феликс и Коста, а на страничните позиции помош треба да добијат од Љоренте и Караско.

Дербито во рамки од 33. коло на Примера се игра вечерва со почеток од 22:00 часот.