• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Реал Сосиедад го освоија трофејот во Купот на кралот, откако во драматично финале во Севиља го совладаа Атлетико Мадрид по изведување пенали. По 120 минути игра резултатот беше израмнет 2-2.
За Атлетико, ова е тежок удар, особено ако се земе предвид дека само неколку дена претходно обезбедија пласман во полуфиналето на Лигата на шампионите по елиминацијата на Барселона. Тренерот Диего Симеоне не го криеше разочарувањето по натпреварот.
„Мислам дека одигравме одлично и дадовме сè од себе, но пеналите овојпат беа на нивна страна. Им честитам и немам што повеќе да додадам“, изјави Симеоне.
Аргентинскиот стратег потенцираше дека поразот е особено болен и дека во моментот не размислува за следниот предизвик против Арсенал.
„Искрено, не мислам на Арсенал. Овој пораз боли многу. Мораше да победиме, а не успеавме. Знаеме дека дадовме максимум, што ми носи одреден мир, но во овој клуб победите се неопходни“, истакна тој.
Симеоне додаде дека неговиот тим одиграл силно второ полувреме и продолженија, но натпреварот требало да биде решен порано, со оглед на пропуштените шанси.
„Нема многу што да се каже, освен да бидеме покрај играчите. Тие вложија огромен напор. Имавме шанси да го решиме мечот во регуларниот дел, но ни недостасуваше завршницата. Овојпат разликата ја направија тие“, заклучи тренерот на Атлетико.
Со оваа победа, Реал Сосиедад испиша ново поглавје во својата историја, додека Атлетико ќе мора брзо да се опорави пред клучните европски предизвици.



