• Мартин Танасковски
Атлетико Мадрид по долго време го победи големиот ривал Реал Мадрид и му го нанесе првиот пораз сезонава (3-1). По мадридското дерби, тренерот Диего Симеоне им честита на играчите, но потенцира дека со играта на стартот на вториот дел, „јорганџиите“ можеле да загубат.
„Среќен сум затоа што одигравме добар натпревар. На 2-0 му дававме шанси на противникот да игра опасно во одредени зони и искрено можевме да загубиме во второто полувреме со Реал ако не ја променевме играта. Голот на Мората не врати во колосек. За головите со глава, знаевме дека Реал се брани високо, бековите одат напред активно, па имавме шанса да ја освоиме таа зона и да центрираме на подалечната статива каде противникот имаше проблеми. Целиот стадион беше со нас, тоа ни помогна“, изјави Симеоне.
Атлетико со оваа победа дојде до бројката од десет бода во Примера и се наоѓа на петтото место на табелата.