ВИДЕО: Симеоне и Атлетико на колена, Арсенал по дваесет години ќе игра финале во ЛШ!

Екипата на Арсенал чекаше две децении за одново да се бори за најпрестижниот трофеј во клупскиот фудбал во Европа! Премиерлигашот славеше во реваншот против Атлетико Мадрид со минимални 1-0 и со вкупни 2-1 патува во големото финале во Лигата на шампионите. 

  • Извештај од натпреварот:

Првото возбудување пристигна уште во десеттата минута, кога Антоан Гризман центрираше од десната страна, а на топката налета Џовани Симеоне, но неговиот удар пожртвувано го блокира Деклан Рајс. Домаќините возвратија во 19. минута, кога Габриел се обиде со удар од далечина, но топката заврши покрај гостинскиот гол.

Во продолжението се играше борбено, со многу грешки на двете страни. Арсенал постепено го засилуваше притисокот, и создаде неколку прилики за отворање на резултатот, но цврстата одбрана на „јорганџиите“ успешно ги блокираше сите удари.

Кога веќе се очекуваше полувремето да заврши без голови, домаќините конечно го скршија отпорот. Леандро Тросар шутираше од полудесно, а Јан Облак одлично интервенираше. Сепак, одбиената топка ја дочека Букајо Сака, кој прецизно реализираше за водство од 1-0 и голема радост на трибините на „Емирати“.

Само што започна вториот дел Атлетико Мадрид не ја искористи дотогаш најголемата шанса за погодок. По една грешка на Салиба, Симеоне излезе сам пред Раја, одлично го помина, но не го издржа дуелот со Гарбиел и топката заврши во корнер. 

Веднаш потоа, на спротивната страна, се закани Ѓокереш, но одново неговиот удар беше блокиран. Токму шведскиот ас во 67. минута имаше сè во свои нозе, откако доби прекрасна топка од Тросар и пред себе имаше чист простор, ама овој пат шутираше непрецизно над голот на Облак. 

Двајцата стратези ги искористија сите пет замени, а до крајот на средбата на теренот ништо не се промени – Арсенал го сочува водството од првото полувреме и заслужено ќе патува во Будимпешта. Во големото финале противник на лондонскиот гигант ќе биде подобриот од утрешниот натпревар меѓу Баерн Минхен и ПСЖ. На првата средба европскиот шампион славеше со 5-4. 

Состави

Микел Артета

4-2-3-1

    Диего Симеоне

    4-4-2