Симболична цена на билетите за Македонија – Норвешка, надежите до 21 година за 100 денари

Македонската фудбалска репрезентација по подолга пауза се враќа на нашата најголема фудбалска арена „Филип Втори“, каде момците на Игор Ангеловски, на 11 ноември ќе се судрат со селекцијата на Норвешка

За оние кои сакаат да присуствувате на последниот овогодишен репрезентативен меч и да ја бодрат националната селекција, ќе треба да одвојат само 100 или 150 денари за еден билет, објави денес Фудбалската федерација на Македонија. Од ФФМ информираат дека билетите се достапни од денес, а истите можат да се набават преку продажната мрежа на „mktickets“. 

Исто така, во овој репрезентативен термин на „Филип Втори“ македонската репрезентација до 21 година на 14 ноември во 13.00 часот против Австрија го игра исклучително важниот квалификациски натпревар за пласман на Европското првенство во Италија 2019 година, а билетот за овој меч е по промотивна цена од 100 денари.