Силните дождови поплавија стадион во Босна, ситуацијата е алармантна

Целиот регион страда од силни дождови и големи поплави, а информациите од Босна и Херцеговина велат дека огромни штети се направени во неколку региони и градови. Таков е случајот и со стадионот на екипата Слобода Нови Град, а ситуацијата е навистина катастрофална. 

Стадионот „Млакве“ во Нови Град е скоро целосно под вода, поплавени се приземјето и првиот кат, па затоа мораше да биде одложен натпреварот што Слобода требаше да го игра против Рудар Приједор. 

„Од фотографиите може да забележите дека состојбата на стадионот е ужасна. Скоро сè од опремата е уништено, а исто така и теренот е во многу лоша состојба. Во постојан контакт сме со Фудбалската федерација, го одложивме мечот со Рудар, а дополнителните чекори ќе ги преземеме веќе од утрешниот ден“, објавија кратко од ФК Слобода Нови Град. 

Ова не е првпат стадионот да биде поплавен, а истото се случи и во 2014 и 2022 година кога снеговите и дождовите направија големи проблеми во Босна и Херцеговина. Стадионот ќе мора да добие санација на капацитетите, теренот мора да се обнови, а тоа ќе подразбира и големи финасиски вложувања од страна на управата.