Силјановски: Во фудбалот се памети само резултатот, во Струга одиме на позитивен резултат

Викендов ќе се одигра последното коло од есенскиот дел во Првата македонска фудбалска лига, а еден од натпреварите кој што треба да привлече најголемо внимание ќе се одигра во Струга, меѓу шампионот и Брегалница.

„Сините“ во градот од покрај Охридското езеро ќе отпатуваат во одлична атмосфера, затоа што се во серија од три натпревари без пораз.

„Играме добро последните неколку натпревари, но никако да дојдеме до трите бода, а во фудбалот се памети само резултатот. За нас секој бод е важен и потребен, па така в недела сите на терен со максимална ангажираност да се вратиме од Струга со позитивен резултат“, вели Силјановски.

Тој додава дека тимот игра добро, но призна дека потфрли кога во прашање се освојувањето на бодовите.

„Како што кажав, играме добро, но се памети резултатот, а ние есенва изгубивме премногу бодови од ситници кои ни се повторуваат. Мораме да ја прифатиме ситуацијата во која се наоѓаме и во недела сите да дадеме максимум на терен, а после тоа ќе имаме доста време да ги санираме грешките кои ни се повторуваа, се со цел да влеземе подготвени и да бидеме многу подобри во вториот дел од првенството“, заврши Силјановски. 

Натпреварот во Струга е закажан за в недела од 13:00 часот.