Силјановски: Нема опуштање, мора да продолжиме во ист ритам

Екипата на Брегалница во четвртото коло на Втората македонска фудбалска лига ќе го дочека Новаци. Штипскиот тим е еден од четирите непоразени во првенството и со сигурност сака така да остане. 

Еден од најискусните во тимот, Горан Силјановски нагласи дека нема простор за опуштање и Брегалница мора да продолжи во ист ритам.

„Не смее да има опуштање на екипата по серијата добри резултати. Мора да продолжиме да инсистираме на нашата игра. Секој поединец да го дава максимумот на теренот и да го задржиме пристапот и дисциплината во играта. На тој начин сакам да ја израдуваме публиката која од натпревар во натпревар доаѓа во сè поголем број“, изјави Силјановски. 

Средбата на „Градскиот стадион“ во Штип меѓу Брегалница и Новаци се игра во терминот од 15:30 часот.