ВИДЕО: Силекс со црвен картон херојски до бод против Работнички!

Силекс и Работнички одиграа нерешени 1-1 (0-1) во натпреварот од 12. рунда на ПМФЛ. Средбата на „Градскиот стадион“ во Кратово понуди голема борба, а домаќинот одигра херојски, со човек помалку го притисна ривалот и успеа да извлече бод.

Средбата на позитивните изненадувања од првиот дел на сезоната тргна со мирно темпо. Работнички се обидуваше да се наметне, а успеа да дојде до предност во почетната фаза. Течеше 20. минута од средбата кога Али Регба го отвори резултатот. Ирскиот интернационалец доби топка од Ермедин Адем, добро издрибла и излета сам пред голот на Љупче Џеков, забележа дека голманот е истрчан и со одмерен удар го лобува за 0-1. 

Силекс се консолидира по примениот гол, се обиде да воспостави иницијатива и да притисне, ама вистинските можности изостанаа. Шанса вредна за издвојување беше онаа на Марко Ѓорѓиевски кој со глава биеше над голот на Алексовски по еден центаршут пред полувремето, а на одмор се замина со скопска предност (0-1). Продолжи и вториот дел со слично темпо, но Силекс имаше пех поради тоа што во 57. минута остана со десетмина на теренот. Невнимателен беше дефанзивецот Милош Николиќ кој незгодно стартуваше врз зглобот на младиот Теодор Николовски. Судијата Александар Ставрев беше близу и без многу двоумење му покажа црвен картон на фудбалерот на Силекс. 

Иако беа со човек помалку кратовчани тргнаа да бркаат резултат. Колосална можност не искористи Алиќ кој излета сам пред гостинскиот гол, а наместо да шутира беше несебичен и го промаши додавањето до Игњатов. Продолжи налетот на Силекс, а следната голема можност дојде по центаршут на Ефтимов на втора статива и удар на Донов над голот. Конечно гостинскиот отпор пукна во 75. минута. Одново центаршут од слична позиција испрати Ефтимов, а овојпат Ади Алиќ со глава го матира Алексовски за 1-1. Во продолжението Силекс продолжи поофанзивно и имаше по некој обид пред двата гола, ама резултатски промени немаше. 

Работнички и покрај ремито остана лидер на табелата и единствен непоразен. „Романтичарите“ имаат 24 бода, еден повеќе од Шкендија, а останаа на „плус три“ од третопласираниот Силекс.