Силекс се смести во Анталија и договори пет пријателски средби

Фудбалскиот клуб Силекс ќе ја темпира формата за продолжението од сезоната преку зимски подготовки во Анталија, каде што ќе престојува во периодот од 17 до 31 јануари.

Кратовскиот прволигаш ќе ја искористи турската база за интензивна работа и проверка на моменталната подготвеност преку серија контролни натпревари. Според планот на стручниот штаб, Силекс ќе одигра вкупно пет пријателски дуели против интернационални противници, а точните термини и локации за одигрување ќе бидат дополнително објавени неколку дена пред секој натпревар.

На програмата се дуели со Бундјокор од Узбекистан на 19 јануари, потоа со екипата на Словачко од Чешка на 23 јануари, украинскиот тим Кудриказа на 27 јануари, Согдиана Џизак од Узбекистан на 29 јануари, како и против грузискиот Динамо Батуми на 30 јануари.

Подготовките во Анталија треба да му овозможат на Силекс квалитетни услови за тренинг, силни тестови против разнолики ривали и дополнително воигрување на тимот пред стартот на пролетниот дел од шампионатот, во кој клубот ќе се обиде да ја подобри својата позиција и формата од есенскиот дел.