ВИДЕО: Силекс поумешен во кратовската драма, голема победа над лидерот Шкендија

Екипата на Силекс по голема битка и драма во завршните моменти, успеа да слави со 2-1 над Шкендија во дербито на Првата македонска фудбалска лига. Долго време немаше погодоци во Кратово, а потоа во вториот дел паднаа три. Домашните поведоа, за потоа во драма во судиското продолжение да се изборат за голем триумф. 

  • Головите од натпреварот:

Првото полувреме прикажа за нијанса поголема иницијатива на домашниот тим. Шкендија на моменти делуваше некако дезориентирано, а Силекс се обидуваше да го искористи моментот и да дојде до водство. Кратовчани добија пенал во 20. минута, но гостинскиот голман Талески одлично ја прозре намерата на Марјан Ристовски, кој со неуспешна „паненка“ се обиде да ја затресе мрежата. Тетовчани потоа имаа една солидна шанса за отворање на резултатот, но изостана реализацијата и на паузата екипите заминаа со почетните 0-0. 

Вториот дел донесе исто така блага иницијатива на Силекс. Момчињата на тренерот Михалов делуваа поконкретно и помотивирано, а трудот им се исплатеше во 58. минута, кога Стефан Милосављевиќ имаше еден одличен продор по левата страна и од осумнаесетина метри успеа да го „матира“ Талески, за водство од 1-0. 

Шкендија мораше да заигра многу подобро и рака на срце, ја презема иницијативата, но гостите никако не успеваа да дојдат до стопроцентна шанса и можност за израмнување. Играчите на Ардијан Нухиу се обидуваа со сите сили да дојдат до погодок, а Силекс полека ги затвораше приодите кон својот гол и повеќе се ориентираше на контра-напади. 

Тетовскиот тим силно тргна во последните десетина минути и конечно успеа да дојде до израмнување. Стрелец на голот беше албанскиот интернационалец Клинсман Цаке, а голот пристигна во 86. минута. Силекс не се задоволи со нерешен резултат и успеа по еден контра-напад одново да дојде во водство, овој пат преку Стефан Лазаревиќ, кој со прекрасен удар во 91. минута ги постави конечните 2-1 и Силекс успеа да извојува важна победа против силниот ривал од Тетово. 

Кратовчани сега имаат 12 бода, додека Шкендија останува лидер на табелата, со еден бод повеќе. Силекс во следното коло ќе гостува кај Брера Струмица, додека Шкендија ќе ја нагости екипата на Македонија Ѓорче Петров