• Саше Љолес

Екипата на Силекс ја забележа третата победа во низа, откако славеше со минимални 1-0 (0-0) над Башкими во натпреварот од 27. коло на Првата македонска фудбалска лига.
Првото полувреме понуди многу подобра игра на домашниот тим, кој постојано се обидуваше да ја начне мрежата на кумановскиот ривал. Силекс продираше повеќе по левата страна и создаваше добри прилики, но останаа без реализација шансите на Алиќ, Делимеѓац, Мирчевски и Тимовски.
Се обиде потоа и Дарко Додев, но неговиот убав удар заврши крај десниот дирек на голманот Јашар. Две нереализирани шанси имаше и Португалецот Пиреш. Башкими повеќе се ориентираше на противнападите, со повремени истрчувања пред домашниот шеснаесетник, но без особен успех во завршницата на акциите.
Кратовчани имаа уште еден обид за поголем притисок во завршницата на првиот дел, но на паузата сепак заминаа со почетните 0-0.
Со сличен ритам започна и вториот дел, Силекс повторно тргна во офанзива и напаѓаше преку Мирчевски и Алиќ, кои го бараа првиот погодок во гостинската мрежа. Расположен беше и Пиреш, кој постојано ги пронаоѓаше своите соиграчи.
Башкими беше под голем притисок во периодот до 55. минута, се редеа шанси за Анѓелески, Додев и Пиреш, но повторно без конкретна завршница. Потоа се закани нововлезениот Александар Мишов, чиј удар беше одбранет од Јашар, а топката се одби до капитенот Анѓелески, кој упати силен шут и ја затресе пречката на гостите.
Не можеше Башкими уште долго да се носи со ова темпо, Ади Алиќ влезе кон петерецот и прими одлична топка, а одзади стартуваше Есмин Личина, кој направи пенал и доби директен црвен картон од судијата Александар Урошевиќ.
ВАР-собата само ја потврди одлуката, а прецизенр реализатор на казната беше Дарко Додев во 69. минута. Кратовчани конечно ја пробија бариерата на гостинот и добија мотив повеќе за остатокот од мечот.
Башкими бргу се обиде да изненади со два брзи напади, но домашната одбрана беше фокусирана. Времето почна да работи во корист на Силекс, кој малку го намали ритамот во овие моменти. Иако можеби очекувавме уште барем еден гол, сепак, резултатот до крајот остана непроменет.
Силекс успеа на крајот да слави со конечни 1-0 и сега има вкупно 49 бода на четвртата позиција на табелата, додека Башкими останува на 37 бода, доволни за шестото место во елитната домашна конкуренција.
Во следното коло, тимот на Александар Васоски ќе ја пречека Брера од Струмица, а Башкими ќе излезе на мегдан со силната Струга Трим Лум.








