• Мартин Танасковски

Кратовски Силекс стартува со подготовки за настапот во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Предводени од Александар Васоски, кратовчани ќе влезат во сезоната со подмладен тим во кој ќе им се дава шанса на играчи, но ќе се цели и на повисок резултат.
Подготовките на Силекс стартуваат во среда, а ќе се започнат во Кратово. Можно е заминување за Охрид или надвор од Македонија, но тоа уште не е потврдено. Ќе се одиграат повеќе пријателски средби кои се во фаза на договарање.
„99% за време на подготовките ќе останеме во Кратово, можно е да одиме до Охрид. Се ќе зависи од временските услови. Комплетираме играчки кадар, пријателските натпревари ги договараме, стартот ќе ни биде со Кожуф, а за понатаму ќе ги добиеме имињата наскоро, штом ги договориме“, изјави тренерот Александар Васоски.
Две нови имиња дојдоа во Силекс, тоа се Додев од Шкупи и Донов од Брегалница. Во меѓувреме екипата се раздели со повеќе имиња, меѓу нив Серафимовски, Каланоски, Милосављевиќ, Лазаревиќ, Манасиевски...
„Се разделивме со шест до седум играчи на кои ние како клуб Силекс и јас лично како тренер им се заблагодарувам за учинокот. Гледаме да најдеме нивни замени, исто имаме и потенцијални квалитетни млади играчи со желба за докажување и не брзаме никаде. Сакаме да донесеме играчи кои ќе направат разлика, да го дигнеме нивото на игра и да бидеме што подобри. Го следиме пазарот заедно со спортскиот директор Стевица Ристиќ и ќе се потрудиме да го направиме најдобриот избор за Силекс“, заврши тренерот.
Силекс во последната сезона од ПМФЛ заврши на петтото место, со еден бод помалку од четвртопласираниот Тиквеш.