Силекс ќе проба да му земе скалп на лидерот, Шкендија и Гостивар фаворити со Беса и Пелистер

Попладнево започнува втората фаза од новата сезона во Првата македонска фудбалска лига. Воведните единаесет кола се зад нас, кругот околу фаворитите за највисок пласман и битката за опстанок полека се стеснува, и веќе е познато која екипа каква задача ќе има во периодот кој што следува.

Најпријатно изненадување досега е Работнички. Тимот од Дебар маало е лидер на табелата и единствен без пораз, а денеска е пред нов сериозен испит затоа што гостува кај еден од најнезгодните домаќини во шампионатот – Силекс. Четата на Александар Васоски заостанува само три бода зад денешниот ривал против кого во првото коло загуби со минимални 1-0, па сега ќе има вистинска шанса за одмазда и доближување до самиот врв. 

Тетовска Шкендија по одличниот старт и серијата победи, во последниот период никако не може да на пронајде најдобрата форма, а тоа резултираше со три врзани ремија, поради кои остана без првото место на табелата. Сепак, тетовчани не се толку далеку зад Работнички, па со евентуален триумф над Беса и кикс на скопјани одново ќе застане највисоко на првенствената табела. 

Клубот кој што со најголеми амбиции го започна шампионатот, Гостивар, одигра променлива прва фаза. Запиша пет победи, пет ремија и еден пораз, а сега со новиот тренер од Бразил, Марсио Нобре, се очекува победничка серија и сериозен напад на шампионската титула. Но, тоа мора да се покаже на терен, почнувајќи со натпреварот против битолски Пелистер

Возбудливо и неизвесно треба да биде и во Кавадарци, каде освојувачот на Купот на Македонија ќе го пречека шампионот Струга Трим Љум, додека Вардар излез од кризата ќе брка против Брера. Сите натпревари од 12. коло во ПМФЛ започнуваат од 13:00 часот.