„Силекс им дава шанса на младите, спремни сме за успешна сезона“

Екипата на Силекс со реконструиран тим влегува во новата сезона од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), а едни од новите засилувања се младите Божидар Митевски и Метин Рушити.

Двајцата пристигнаа минатата седмица. Првиот доаѓа од младинските погони на Вардар, додека вториот од Македонија Ѓорче Петров. Силекс е далеку од своите најсветли денови, обезбеди опстанок поради баражот, а оваа сезона амбициите ќе бидат исти, борба за местата во средината на табелата.

„Среќен сум затоа што дојдов во клуб како Силекс кој им дава шанса на младите. Во тимот владее добра атмосфера, имаме добар состав и подготвени сме за сезоната која доаѓа“, истакна Митревски, кој ја комплетира документацијата за настап за кратовчани.

Рушити, пак, се најде на клупата на првиот натпревар со Ренова, но во иднина сигурно ќе добива поголема шанса кај тренерот Симов.

„Задоволство ми е што ќе бидам дел од клуб со голема традиција, поранешен шампион на Македонија. Ова е голема шанса за мене, ќе направам се што е во моја можност да искористам и да докажам дека клубот направил правилен потег што одлучил да ме ангажира. Се надевам дека во новата сезона ќе успееме да обезбедиме учество на меѓународна сцена“, вели Рушити.

Силекс ја отвори новата сезона во ПМФЛ со пораз од Ренова (0-1), а во наредното коло следи првиот домашен меч со актуелниот првак Шкендија.