ВИДЕО: Силекс доби „шлаканица“ од косовска Дрита и се збогува од Европа

Кратовски Силекс не успеа да ја мине пречката наречена Дрита и доживеа пораз (0-2) на домашен терен со што во рамки на второто коло се збогува со настапите во квалификациите за Лигата на Европа.

  • Извештај од натпреварот:

Во последното издание во најмасовното натпреварување на УЕФА кратовчани испаднаа од Вадуц од Лихтенштајн, а сега, во ова натпреварување настрадаа од Дрита. Играта на избраниците на Горан Симов не беше според планот, беше доста мачна и тешка за гледање, а иако и кај Дрита немаше некоја голема разлика, сепак, дуелот го одлучи едно невнимание и направен пенал, а потоа и гол на кој му претходеше тимска мајсторија. Ако претходно во ЛШ алиби за поразот беше посилниот Карабах, овој пат, Силекс доби ривал по мерка кој не успеа да го совлада и остана „пократок“ за 300.000 евра и најмалку уште еден европски меч.

Стартот на дуелот на Арената „Тодор Проески“ беше доста мачен за гледање. Двете екипи креираа полушанси, но немаше ниту една сериозна прилика за погодок. Прва се закани Дрита, во 22. минута по еден слободен удар откосо, но Божиновски беше на вистинското место. Други опасности немаше, а евидентна беше грубата игра затоа што во првото полувреме паднаа пет жолти картони - три за Силекс, два за гостинот од Косово.

Второто полувреме го донесе и првиот гол. Во воведните минути, Даниел Карчески беше невнимателен. Хамди Намани ја искористи брзината и влезе во казнениот простор, а бекот на Силекс го сруши во шеснаесетникот. Судијата Ендрју Медли од Англија немаше дилема, досуди пенал, кој во гол го претвори Фидан Гербеши.

Се очекуваше овој гол да го разбзуди Силекс, но кратовчани едноставно беа заспани. Сериозна прилика немаше ниту по примениот гол, само неколку обиди од далечина. Симов се обиде дури и да освежи со Ѓуриќ кој влезе на местото на Ѓорѓиев, но залудно. На спротивната страна, Нухиу првата измена ја направи во 69. минута кога го внесе новајлијата Владица Брдаровски.

Патот кон победата на Дрита ѝ се олесни кога во 78. минута Христијан Грозданоски беше исклучен. Стоперот доби втор жолт картон поради остар старт и порано од очекуваното ја заврши средбата. Косовскиот првак веднаш ја искористи бројчаната предност на теренот, па во 80. минута ја удвои предноста преку Лимани, гол на кој му претходеше феноменална тимска акција на Фазлиу и Намани.

Дрита поради победата на мечот против Силекс ќе игра со Легија Варшава, на гостински терен.