• Горан Упале

Поранешниот македонски шампион Шкупи, пред нешто помалку од една година доби нов сопственик, кој најави враќање на тимот од Чаир на врвот во мак-фудбалот, но навивачката група „Шверцери“ го тврди спротивното.
Во средата Шкупи требаше да одигра пријателски натпревар против Арсими, но истиот не се одигра. Најверните фанови на чаирчани обелоденуваат зошто овој тест не започна и го обвинија сопственикот на клубот дека е вмешан во обложувачки зделки и дека тимот веќе наместил неколку натпревари во минатата сезона.
„ФК Шкупи, веќе една година, е во тешка ситуација. Иако го поддржуваме клубот и обезбедивме финансиски средства и спонзори за да остане жив, претставниците од Турција се исмејуваат со целиот наш град и клуб. Би сакале да ја известиме јавноста дека според податоците кои ги имаме, во текот на минатата сезона, претседателот на клубот заедно со дел од директорите (кои за жал повеќе не се дел од клубот) манипулирале со некои натпревари за лична корист.
Вчера, откако добивме информација дека пријателскиот натпревар со Арсими е наменет да биде манипулиран за обложување, одлучивме во соработка со федерацијата да го откажеме.
Според нашите најнови информации, Шкупи денес ќе патува за Турција само за да намести уште еден натпревар. Апелираме до сите надлежни органи под итно да интервенираат и да спречат овој срам да се случува и понатаму, а ние ќе направиме се што е во наша моќ тимот да не одигра ниту еден натпревар доколку не се промени ситуацијата“, меѓу другото се вели во објавата на „Шверцери“.
Шкупи летово доведе голем број новајлии во тимот, а интересно е тоа што повеќето од нив дојдоа од пониските лиги во Германија.






