Шведските клубови потпишаа петиција за заштита на правата на работниците во Катар

СП 2022

Катар ќе биде домаќин на Мундијалот наредната година, а веќе подолг период се зборува за тешките услови во кои се работи на спортските објекти и стадиони.

Работниците губат животи и работат на тропски температури, како би се задржал предвидениот рок за проектот наречен Светско првенство 2022. Неколку држави, меѓу кои се издвоија скандинавските земји, веќе испратија јасна порака до ФИФА и побараа подобрување на условите за работа на работниците.

Норвешка протестираше пред натпреварите во мундијалските квалификации, а сега шведските прволигаши и второлигаши потпишаа петиција со која сака да ја потсети ФИФА да ги исполни ветувањата дадени пред неколку месеци.

 „Немаме никакво влијание на Светското првенство во Катар. Но, со притисок врз ФИФА можеме да покажеме дека сме загрижени и дека ни е грижа за човечките животи. ФИФА треба да направи повеќе во оваа област и да преземе одговорност“, рече претседателот на Здружението на шведската елитна лига, Јенс Андерсон.

Светскиот собир за првпат ќе се одржи во зимскиот период. Терминот на одигрување на натпреварите е од 21 ноември до 18 декември.