ФОТО: Швајцарците си прават сеир со неиграњето на Италија на Мундијалот

Фудбалерите на Швајцарија успеаја да завршат како првопласирани во квалификациската група и на сметка на Италија се пласираа директно на Светското првенство. Иако „аѕурите“ се надеваа дека ќе обезбедат билет за Катар преку баражот, меѓутоа репрезентацијата на Македонија ги шокира среде Палермо. 

Оваа вест одекна во светот, чудото на малата земја која го исфрли европскиот првак беше тема број еден. Покрај информациите, Италија е мета и на сеирџиите, а една таква ситуација се виде на пријателската средба меѓу Англија и Швајцарија вчера (2-1).

Еден швајцарски навивач изнесе транспарент на кој илустрираше „Гугл“ пребарување: „Италија Светско Првенство Катар 2022“, а под него и традиционалниот предлог кој вели: Дали мислевте: Швајцарија?“. 

Овој потег им се допадна и на домашните фанови, кои сè уште ги боли поразот во финалето на „Вембли“. Англија и Швајцарија веќе обезбедија билет за Мундијалот, па разбирливо е подбивањето на сметка на Италијанците.