• Иван Димовски

Фудбалерите на Швајцарија подобро шутираа пенали и со 4-3 (0-0 по регуларното време и продолженијата) ја исфрлија Колумбија во осминафиналето на Светското првенство. Натпреварот во Ванкувер понуди огромна борба и по некоја шанса на двете страни, ама немаше реализација. На крајот Швајцарците беа посигурни во пенал-рулетот и ќе играат четвртфинале.
- Извештај од натпреварот:
Натпреварот во Ванкувер започна во високо темпо, а првата сериозна закана ја создадоа Швајцарците. Во 12. минута Фабијан Ридер се најде во добра позиција, но колумбискиот голман Камило Варгас одлично интервенираше и не дозволи отворање на резултатот. Колумбија возврати неколку минути подоцна преку Густаво Пуерта, кој испрати опасен удар од работ на шеснаесетникот, но Грегор Кобел со сигурна интервенција го сочува својот гол. Јужноамериканците најчесто се закануваа преку Луис Диаз по левата страна, додека Швајцарците се потпираа на организацијата на Гранит Џака и продорите на Дан Ндоје.
Во финишот на полувремето двете селекции се отворија и тргнаа по водство, но не успеаја да ја пробијат последната линија на противникот и полувремето во Ванкувер заврши со почетниот резултат (0-0).
Швајцарија и Колумбија одиграа внимателно, но борбено второ полувреме во кое ниту една селекција не успеа да го скрши отпорот на противникот. Колумбија во вториот дел беше нешто поактивна и се обидуваше да нападне преку брзината на Луис Диаз и креацијата на Хамес Родригез, но швајцарската одбрана беше добро поставена и не дозволи чиста ситуација пред Грегор Кобел. Од другата страна, Швајцарија се закани преку брзи транзиции и прекини, а Фабијан Ридер повторно беше еден од најопасните фудбалери во нивниот состав.
Во завршницата се играше со многу нервоза и претпазливост. Двете репрезентации повеќе внимаваа да не примат гол, отколку целосно да ризикуваат во нападот. И покрај обидите на двете страни, мрежите останаа мирни, па последниот осминафинален дуел на Светското првенство влезе во продолженија. Во доигрувањето Колумбијците беа многу поконкретни, меѓутоа повторно актерите на теренот не ги задоволија желбите на публиката. Се закануваа Лукуми и во два наврати Кампаз кој имаше и една колосална шанса. За Швајцарците се обиде Амдуини, но неуспешно. Резултатот не се менуваше и се прејде на пеналите.
Во првата серија сигурни беа Кинтеро и Џака, потоа Санчез не реализира за Колумбија, па Амдуни погоди за водство. Следуваше реализација на Кампаз и големо промашување на Аканџи. Голманот Кобел го одбрани ударот на Хернандез, а Итен беше сигурен за ново водство. Луис Диаз ја одржа Колумбија во живот, па Рубен Варгас ја одведе својата земја понатаму.
Во четвртфиналето Швајцарија ќе се судри со светскиот првак Аргентина.






