Шупка: Не можевме против клучните играчи на Работнички

Хонвед успеа да постигне гол во Скопје, но со пораз си заминува од дуелот со Работнички (2-1). Тренерот на Унгарците, Атила Шупка, по мечот истакна дека на теренот видел тоа што очекувал и истакна дека неговите фудбалери имале проблем со најдобрите играчи на „романтичарите“.

„Го видовме она што го очекувавме од Работнички. Не можевме да ги контролираме нивните клучни играчи во тимот. Многу грешевме, одбраната грешеше, дозволувавме многу брзи пасови и лесни продори до нашиот шеснаесетник. Во нападот бевме многу млаки, често менувавме ритам. Се уште имаме шанса да одиме понатаму, дадовме гол на гости, но мора подобро да се покажеме дома. Честитки до противникот за победата и се гледаме наредната недела“, изјави Шупка.

Славниот клуб кој важи за најстар во Унгарија и е матичниот на легендата Ференц Пушкаш, го пречекува Работнички на домашно тло за шест дена.