Шукер: Манџукиќ има ма***а како андалузиските бикови на корида!

Пред две децении беше „прва виолина“ на теренот, сега е главен оперативец како претседател на Хрватската фудбалска федерација. Легендарниот Давор Шукер во еуфорија во микс-зоната по победата над Англија со 2-1 ги испофали најдобрите хрватски фудбалери, Модриќ и Манџукиќ.

Поранешниот напаѓач на „коцкестите“ посебно ја пофали храброста и неприкосновеноста на Манџукиќ - авторот на победеносниот гол. 

„Бевме во целост подобри до Англичаните. Мислев дека никогаш нема да го повториме и надминеме успехот од пред 20 години. Имам голема желба да станеме светски прваци и Модриќ да биде прогласен за МВП на Светското првенство. Марио Манџукиќ има ма***а како биковите од Андалузија на корида. Мора да изгинеме со Франција, финалето е 50-50%“, изјави за шпанските медиуми поранешниот фудбалер на Реал Мадрид и Севиља. 

Шукер со шест гола беше најдобар стрелец на Светското првенство во Франција во 1998 година и се најде во идеалниот тим. Голем број негови сонародници ќе се најдат меѓу најдобрите на своите позиции по завршувањето на големиот собир. 

Токму Давор Шукер со 45 гола на 69 натпревари е најдобар стрелец во историјата на хрватската репрезентација.