• Саше Љолес
Угледниот германски „Билд“ пишува дека Црвена Звезда наскоро ќе достави понуда до Штутгарт за услугите на крилниот напаѓач Силас Мвумпа, кој настапува во белградскиот гигант како позајмен фудбалер.
Играчот од Конго се мачеше со неколку мали повреди, но постигна седум гола и остави добар впечаток, што беше доволен знак за управата на Звезда да го доведе кај себе на перманентна основа.
„Билд“ објави дека Штутгарт би се задоволил со сума од околу осум милиони евра, иако се вели дека српскиот клуб сигурно ќе се обиде да го намали износот на отштетата. Доколку двете страни најдат заеднички јазик, Силас сигурно следната година повторно ќе настапува во Белград, каде ќе има и скоро загарантирано учество во Лигата на шампионите.
Кариерата ја започна во францускиот нисколигаш Алес, потоа играше за Париз, а во Штутгарт премина пред шест години за сума од половина милион евра.