• Саше Љолес
Управата на германскиот бундеслигаш Штутгарт, испрати писмо до УЕФА во кое се жали на бруталниот однос од српската полиција кон нивните навивачи кои допатуваа во Белград да го проследат натпреварот против Црвена Звезда во Лигата на шампионите.
Германците заминаа поразени со високи 5-1, но и нивните фанови беа натепани од српските хулигани и полицијата, што резултираше со повеќе од педесетина уапсени.
„Сакаме да го доживееме фудбалот во целиот негов сјај и во слободна Европа. Наместо тоа, ние се соочивме со бруталност кон нашите навивачи од српските хулигани и од полицијата.
Насилството никогаш не е решение, ние стоиме позади сите што допатуваа во Белград да му дадат поддршка на нашиот тим. Бараме УЕФА да го разгледа овој случај и да изрече соодветни санкции.
Среќа што немавме загинати, но има неколку навивачи кои се навистина тешко повредени“, стои во соопштението од Штутгарт.
Нередите и хулиганските пресметки во Белград започнаа уште неколку часа пред почетокот на натпреварот. Полицијата соопшти дека се приведени 38 лица од Србија и уште дванаесетмина со германско потекло.