• Зоран Мишевски

Фаворитот Стандард или прв исчекор на Генк? Судирот на екипите кои сонуваат за шампионската круна на стадионот „Морис Дуфран“ е дербито во третата рунда на шампионатот на Белгија, во кој фаворитите настрадаа во воведните кола. Бранителот на круната, Бриж, загуби на отворањето на сезоната, првиот противкандидат Гент има два порази, а рози не цветаат и во Антверпен, клуб од кој се очекуваше „бум“. Така, најдобар старт остварија Бершот. Шарлроа и Стандард, екипи на кои пред стартот на сезоната не им се даваше големи шанси за круната.
Екипата од Лиеж плови низ помирни води по доаѓањето на новиот инвеститор Франсоа Форниери, но успехот ќе му зависи од упорноста да го задржи костурот на тимот. Со нови сопственици, продажбата не е императив, но „црвените“ не добија ниту засилувања. Единствената аквизиција е Лорен Енкинет, кој како слободен играч пристигна од Левен и би требало да има улога на резервен голман. На спротивната страна, Димитри Лавал без обештетување замина во Мајнц 05, а Карлињос е продаден во Васко за 1,5 милиони евра. Новиот кормилар, Филип Монтањ, оствари доста добар впечаток на подготвителните натпревари, меѓу другото, со една победа над Монако и две над Ремс.
Генк досега, според мислењето на белгиските медиуми, имаше најдобар „лов“. „Сино-белите“ за четири милиони евра го донесоа Сирил Десерс, играч на Хераклес кој беше најдобар стрелец во Ередивизие со 15 погодока.. Со овој трансфер Белгиецот наводно си го исполнил детскиот сон, затоа што како мал го носел дресот на Генк со името на Весли Сонк, легенда на штрумфовите. Сепак, како главен проблем кој го мачи Генк е недостатокот на вистински плејмејкер, кој се бара од 2019 година, откако Алехандро Поцуело замина во Торонто.
Стандард оствари максимален учинок досега, додека Генк изненадувачки ремизира во претходното коло на домашен терен со Левен. Во Лиеж, последните години, „штрумфовите“ имаат еден куп проблеми – забележаа само еден триумф на изминатите 13 дуели во сите натпреварувања.