Што носи српското дерби: Нов заплет или ран расплет?

После десет кола Црвена Звезда има дури осум бода предност и ако слави во Хумска, старо-новиот шампион на Србија ќе се наѕира уште во октомври.

Едни за парада – други за надеж. Бодовната разлика по десет суперлигашки кола ја спушти еуфоријата пред 163-тото „Вечно дерби“ на една од најниските точки во поновата историја. Црвена Звезда суверено владее во српскиот фудбал и со евентуална победа на теренот кај најголемиот ривал ќе стекне предност која уште во октомври ќе најави четврта врзана титула, додека Партизан како единствена шанса за ублажување на лошиот почеток на сезоната гледа во триумфот, затоа што само така може да фати приклучок кон соседите.

„Црно-белите“ во дербито влегуваат потресени поради уште едно разочарување во сезоната, ремито со Металац во Горни Милановац, поради кое заостануваат дури осум бода зад лидерот, но и со нова енергија поради фактот дека во последните денови од преодниот рок ангажираа пет новајлии. Најмалку тројца од нив се очекуваат во првите единаесет, според прелиминарните информации тоа ќе бидат стоперот Светозар Марковиќ, играчот за врска Милош Јојиќ и вториот напаѓач Филип Холендер, а во таа варијанта од клупата би почнал Жан-Кристоф Бахбек. 

Тренерот Александар Станојевиќ се потпира на две традиции. Првата вели дека има висок процент на успешност во дуелите со вечниот ривал. Од шест натпревари славеше во пет, а единствениот пораз го почувствува во полуфиналето од Купот во 2011 година, што во конечниот збир немаше влијание на пласманот во завршната борба. Посебно импресивен во очите на „гробарите“ е податокот дека голот на Андрија Калуѓеровиќ од април 2011 година е единствениот кој „парниот валјак“ го примил од Звезда за 540 минути натпреварувачки фудбал. Втората традиција која буди надеж кај домаќините е податокот дека Партизан во 2020 година победи на сите дуели на домашен терен: девет во првенството, два во Купот и еден во квалификациите за Лига Европа.

Сите квоти од натпреварот Партизан - Црвена Звезда

Како што партизановци се надеваат на продолжување на низата без примени голови во дуелите со најголемиот противник, така звездашите навиваат нивниот тим конечно да ја затресе мрежата на Владимир Стојковиќ. Тоа не го направил никој уште од Алекса Вукановиќ пред година и пол. А моментално составот на Дејан Станковиќ е убедливо најефикасен во Суперлигата (34 гола на десет мечеви), победи на сите четири гостувања оваа сезона, на нив ја тресеше мрежата 11 пати, истовремено обезбеди пласман во Лигата на Европа, што дополнително ја крева самодовербата, па затоа на „Маракана“ на овој меч гледаат како меч-топка.. Ако Црвена Звезда победи, тогаш ќе има отворен автопат кон новата шампионска круна, затоа што позитива од 11 бодови во српскиот шампионат речиси е недостижна.

Проблем за Дејан Станковиќ се информациите дека Мирко Иваниќ ќе биде отсутен поради коронавирусот, а не може да смета и на „талисманот“ во дуелите со Партизан, тоа е подолго повредениот Ричмонд Боачи, а за четири дена гостува кај Хофенхајм. Тука е и претходниот дуел во Хумска, на кој Црвена Звезда изгледаше неубедливо. Гостите се оптоварени и од податокот дека славеа само еднаш на последните седум меча во домот на Партизан. А формата вели дека тоа ќе го направат сега и практично ќе го решат првенството. Во последните 15 меѓусебни средби, дали во првенството, или во Купот, на дури 12 пројде типот 0-2 гола. Тоа е јасен показател дека не би требало да се очекува ефикасен меч во Хумска. Плус, нема да има публика да ги инспирира актерите. А кога се говори за конечниот исход, иксот е секогаш опција за „вечното дерби“, и секако, добро се исплати.