Што ги чека македонските фудбалери во плеј-офот на Лига Европа?

Македонските фудбалери во Лигата на Европа ги добија своите ривали за плејофот, а најлесна задача има Аријан Адеми и неговиот Динамо Загреб.

Хрватските „модри“ ги посака ждрепката и за место во групите ќе играат со Флоријана од Малта или Флора Талин од Естонија. Кристијан Тошевски и Филип Најдовски со Тирана ќе гостуваат кај Јанг Бојс во Швајцарија.

Сараево на Крсте Велкоски ќе игра трето коло со Будуќност од Црна Гора, а ако пројде оди на Рига од Летонија или шкотски Селтик. Дрита на Брдаровски и Цуцули ако направи сензација кај Легија, ќе игра за групи со азербејџански Карабах.

Стефан Ристовски и Спортинг Лисабон во третото коло се соочуваат со Абердин, а на патот до групите би им стоеле ЛАСК (Австрија) или Дунајска Стреда (Словачка). Ријека на Дарко Велковски и Милан Ристовски ќе игра трета рунда со украински Колос, а евентуален меч за групите ќе биде пеколен - против Копенхаген (Данска) или Пјаст Гливице (Полска).

Локомотива Загреб на Џемал Ибиши во третото коло е против Малме, а меч за групи би бил со Гранада (Шпанија) или Локомотив Тбилиси (Грузија). Давид Тошевски и Ростов прво треба го минат Макаби Хаифа (Израел), а за групи ќе играат со Тотенхем или Шкендија.

МОЛ Фехервар на Бобан Николов и Висар Муслиу ако го изненадат Реимс од Франција ќе играат за групи со Стандард Лиеж (Белгија) или Војводина (Србија). Јани Атанасов и Хајдук Сплит ги чека меч со Галатасарај, а во плеј-офот се оди на Вилем 2 (Холандија) или Глазгов Ренџерс (Шкотска).