Штип на нозе, Брегалница на Емил Грнев со еуфорија го чека Борец

Штип е во нова фудбалска еуфорија. В недела штипјани го пречекуваат Борец од Велес во големото дерби од 25. коло на ВМФЛ-Запад. 

„Атмосферата е добра. Денес, утре и в сабота ќе тренираме на „Градскиот стадион“ од 17.00 часот.  Мислиме само на средбата со Борец. Убеден сум дека во недела ќе се радуваме на победата“, вели на локалните медиуми тренерот Емил Грнев.

На денешниот тренинг отсуствуваа Марио Крстов и Даниел Боневски, кои се наоѓаа во Скопје на собирот на аматерската репрезентација на Македонија. Откако Грнев пристигна на клупата на штипјани екипата врза позитивна серија и се наоѓа со реални опции за второто место и пласман во баражот. Во многу нешта исполнувањето на оваа цел ќе зависи од исходот на натпреварот против Борец.

За неделната средба нема да се наплаќаат влезни билети. Почетокот е закажан за во 17.00 часот и се очекува полн стадион под Исарот.