Штерјовски: Тимот ја донесе победата, Пелистер во иднина ќе биде само подобар

Со допадливо прво и уморно и здодевно второ полувреме, Пелистер го прослави враќањето во Првата лига по 30 месеци со минимална победа. Во Битола падна Академија Пандев, а единствениот гол беше дело на дебитантот Хот. Со дури седум новајлии во стартниот тим, Зоран Штерјовски стравуваше дека на екипата ќе му треба време, но уште на стартот покажа знаци на игра и хомогеност.

Домашниот тренер по минималниот триумф го анализираше првиот натпревар од елитната категорија во Битола по повеќе од две години.

„На овој натпревар одигравме тимски и тимот победи. Една ситуација на почетокот која ни се укажа на стартот, ја искористивме и потоа контролиравме. Одигравме многу добро во дефанзива и честитки за фудбалерите. Академија Пандев имаше неколку шанси во првиот дел, но ние ги имавме и во почетната фаза на вториот дел. Реална е нашата победа од еден гол разлика.

Презадоволен сум од победата на стартот. Очекувам дека од натпревар во натпревар ќе играме подобро. Ќе ни треба малку време да се воиграме и да бидеме уште подобри“, рече за Gol.mk, Штерјовски.

<<< - ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Пелистер атрактивно до прв гол во ПМФЛ, мајсторија на Хот

Вистински тест за квалитетите на новиот Пелистер ќе биде гостувањето кај Силекс во Кратово следната недела.