• Иван Димовски

Екипата на Олимпија Љубљана ја затвори сезоната во Словенија со двојна круна. До овој подвиг од клупата ги водеше поранешниот шпански репрезентативец, Алберт Риера. 41-годишникот преку словенечкото првенство се надева на исчекор напред во кариерата, а упати и сериозна критика до балканските клубови.
„Подготвен сум за посилна лига, но одам чекор по чекор. Можеби е прерано за преземање на шпански тим, но треба да барам нешто помеѓу. Би ми одговарале екипи од Белгија, Турција, Португалија, Холандија...
Фудбалот на Балканот нема иднина, а тоа е бидејќи клубовите ги продаваат своите млади играчи. За тоа зборувам константно. Постојат амбициозни фудбалери, но мора да созреат за да играат во посилните лиги. Клубовите рано ги продаваат за да преживеат, а мојата визија е поинаква. Сакам да работам со играчите и да ги подобрам, но Олимпија размислуваше поинаку. Ми кажаа дека нема да продаваат играчи, па на лето се случи спротивното“, кажа Риера.
Во својата играчка кариера Риера мина низ екипите на Еспањол, Манчестер Сити, Ливерпул, Олимпијакос, Галатасарај, Вотфорд и Удинезе, додека кариерата ја заврши во словенечки Копар.