Шпански гигант и екс полуфиналист во ЛШ е пред кам-бек во Примера

Нема вистински фудбалски навивач кој нема да навива за нив. Депортиво Ла Коруња има две меч-топки и само една победа го дели од големо враќање во Примера.

Ја видовме возбудата предизвикана од враќањето на Расинг Сантандер по четиринаесет години во пониските лиги, и нема сомнеж дека за навивачите на Депор претходните осум сезони изгледаа како цела вечност. Толку долго поранешниот шпански шампион и полуфиналист во Лигата на шампионите беше надвор од елитното натпреварување.

Периодот од 2020 до 2024 година, кога клубот од Ла Коруња играше во третата лига, беше особено болен. Минатата сезона заврши на петнаесеттото место во Сегунда, а 2026 година може да биде негова година од соништата.

Триумфот над Андора минатиот викенд беше трет по ред за фудбалерите на Депортиво, па ако слават против Ваљадолид следниот викенд, промоцијата е загарантирана, бидејќи имаат три бода повеќе од Алмерија и имаат подобар скор во меѓусебните натпревари.

Добрата вест е дека во случај на неуспех, ќе имаат втора шанса, во последното коло, на својот „Риазор“ против Лас Палмас.