• Саше Љолес
Еден од шпанските фудбалски репрезентативци направил потег кој привлече големо внимание, но без воопшто да сака да биде откриен неговиот идентитет. Фудбалерот одлучил целата премија од речиси еден милион евра за освоената светска титула да им ја подари на вработените во Фудбалскиот сојуз на Шпанија.
Шпанија летово вторпат стигна до планетарниот врв, а сите 26 репрезентативци добија огромни финансиски бонуси за историскиот успех. Сепак, еден од нив решил својата награда да не ја задржи за себе, туку да им ја препушти на луѓето кои секојдневно се грижеа за тимот и беа дел од целата организација за време на Мундијалот.
Интересно е што фудбалерот сакал неговиот гест да остане во целосна тајност. Според информациите на шпански „АС“, тој не барал публицитет и не сакал неговото име да биде поврзано со донацијата. Едноставно сметал дека парите треба да завршат кај луѓето кои биле постојано покрај репрезентацијата на патот до светската титула.
Вработените во Сојузот имаа значајна улога во функционирањето на националниот тим, особено во текот на долгото патување и речиси двомесечниот престој на репрезентацијата на Светското првенство.
Според претходно објавените информации, секој од 26-те шпански репрезентативци добил премија од близу еден милион евра за освоената светска титула. Еден од нив, сепак, решил целосно да се откаже од својот бонус и да ги награди луѓето кои стоеле во сенка, но биле дел од големиот успех.
Засега останува мистерија кој е великодушниот репрезентативец. Тој не сакал да биде откриен, но не е исклучено неговото име сепак да излезе во јавноста во наредниот период. Без разлика кој стои зад овој потег, гестот на шпанскиот репрезентативец испрати порака дека големите успеси не се дело само на оние кои се на теренот.
