• Саше Љолес
Шпанската фудбалска федерација го продлабочува скандалот што се случи по финалниот натпревар на Светското првенство за жени, кога претседателот на федерацијата, Луис Рубијалес ја бакна во уста репрезентативката Џенифер Ермосо.
Фудбалерката по натпреварот изјави дека воопшто не ѝ се допаднал потегот на Рубијалес и побара дисциплинска постапка против него, а сега доаѓа и жесток одговор од федерацијата кон неа. Челните лица решија да ѝ „возвратат“ на Ермосо со забрана за настап во националниот тим сѐ додека Рубијалес е претседател на федерацијата, но светската шампионка изјави дека ќе се бори со сите правни начини за да ја спречи оваа одлука.
Јавноста во Шпанија е во мал шок од оваа одлука и комплетно застана на страната на Ермосо. На социјалните мрежи „врие“ од негативни коментари за федерацијата, а голем дел од навивачите не можат да сфатат како целата ситуација добила ваков ужасен епилог, особено по освојувањето на историската титула од женскиот Мундијал.
Асоцијацијата на фудбалери и фудбалерки најави жалба, но и тужба против федерацијата и се надева дека Ермосо сепак наскоро ќе може повторно да настапува во дресот на „црвената фурија“. Џенифер Ермосо е една од најстандардните репрезентативки на Шпанија, а воедно е и најдобар стрелец во националниот тим.