Шпанија со најмногу „ќотек“ ги победи сите ривали на Европското првенство

Репрезентацијата на Шпанија по четврти пат во историјата го освои Европското фудбалско првенство и беше доминантна скоро во сите статистички параметри, а сега се појави уште еден податок кој вели дека „фуријата“ била и најгрубата селекција на турнирот. 

Покрај најголемата ефикасност (17 гола), Шпанија исто така направила и најмногу прекршоци на собирот (вкупно 94), што значи дека тимот на Де ла Фуенте бил убедливо најгруб од сите останати. Шпанците се на второто место по бројот на жолти картони (16), а пред нив е само Турција со дваесет опомени од судиите. 

Новиот европски шампион е трет по бројот на посед на топката, а воедно е третопласиран и кога се работи за прецизните пасови. За потсетување, Шпанија во големото финале ја совлада Англија со конечни 2-1.