Шпанија прави сѐ за да го грабне Фати, Барса останува без него еден месец!?

Барселона би можела да биде еден месец без младата сензација Ансу Фати, доколку шпанската фудбалска федерација успее во намерите да го грабне и да го натера да игра во дресот на „фуријата“.

Челниците на шпанскиот фудбал се оптимисти и прават сѐ за да обезбедат пасош за фудбалерот на Барселона. Доколку истиот се добие навремено, Фати ќе добие повик да игра на младински турнир во Бразил, меѓу 26 октомври и 17 ноември.

Тоа значи дека ако дојде до повикот, 16-годишникот ќе пропушти пет меча во Примера, против Еибар, Реал Мадрид, Ваљадолид, Леванте и Селта Виго, како и дуелот против Славија Прага во Лигата на шампионите.

Фати потенцира дека голема е желбата да игра за Шпанија, иако поради потеклото може да бира да игра за Португалија или Гвинеја.