Шпанија покажа сила во најсилен тим, но ја загрижи Ојарзабал

Фудбалската репрезентација на Шпанија успешно ја заврши подготовката за Светското првенство, откако во пријателски натпревар во мексиканскиот град Пуебла славеше со убедливи 3-1 против Перу. Селекторот Луис де ла Фуенте на овој натпревар изведе речиси најсилен состав и во голема мера ги расчисти дилемите околу стартниот тим за Светското првенство. Унаи Симон беше стартер на голот, додека Давид Раја доби минутажа во второто полувреме. Поради повреди недостасуваа Нико Вилијамс и Ламин Јамал, па по крилните позиции настапија Феран Торес и Алекс Баена.

Натпреварот се играше на стадионот „Куаутемок“, на надморска височина од 2.135 метри, но тоа не претставуваше никаков проблем за избраниците на Луис де ла Фуенте, кои уште еднаш демонстрираа квалитет и сигурност пред почетокот на Мундијалот.

Шпанците поведоа уште во втората минута преку Микел Ојарзабал, кој постигна одличен погодок и уште еднаш ја потврди својата важност во офанзивниот дел од тимот. Во 32. минута Педри ја зголеми предноста на 2-0 и практично го реши прашањето околу победникот. На стартот од второто полувреме Шпанија стигна и до трет гол. Во 53. минута голманот на Перу, Педро Гаљесе, си постигна автогол за убедливи 3-0. Перуанците успеаја да го ублажат поразот во 66. минута преку Хаиро Велез, кој ги постави конечните 3-1.

Единствена причина за загриженост во шпанскиот табор беше незгодниот удар што го доби Ојарзабал пред крајот на првото полувреме. Сепак, првичните информации велат дека не станува збор за посериозна повреда и дека напаѓачот на Реал Сосиедад ќе биде подготвен за настап на Светското првенство.