• Мартин Танасковски
Младиот фудбалер на Барселона, Ламин Јамал, изненадувачки не се најде на списокот на шпанската репрезентација за претстојните натпревари против Грузија и Турција, што повторно ја отвори темата за затегнатите односи меѓу каталонскиот клуб и националниот сојуз.
Според официјалното соопштение на Шпанскиот фудбалски сојуз, одлуката за неговото изоставување е донесена исклучиво од здравствени причини. Лекарскиот тим на репрезентацијата, како што се наведува, бил изненаден кога дознал дека Јамал на 10 ноември, во попладневните часови, веќе бил подложен на радио-фреквентен третман поради болки во пределот на препоните.
Извештајот за интервенцијата до сојузот пристигнал дури во доцните вечерни часови, со препорака играчот да мирува најмалку седум до десет дена. Постапката била извршена без претходна консултација со медицинскиот тим на репрезентацијата. Поради можните дополнителни ризици, сојузот решил да го повлече фудбалерот од списокот и му посака брзо закрепнување.
Овој случај, сепак, не помина без одек. Според шпанските медиуми, во сојузот владее разочараност бидејќи Барселона самостојно одлучила да го спроведе третманот, без координација со националниот стручен штаб, и покрај тоа што тоа значеше дека Јамал нема да може да настапи за репрезентацијата.
Несогласувањата меѓу Барселона и селекторот Луис де ла Фуенте траат уште од септември, кога тогашниот тренер на клубот, Ханси Флик, јавно го обвини сојузот за несоодветно управување со физичкото оптоварување на 17-годишниот напаѓач. Ова не е прв пат Јамал да го пропушти собирот поради здравствени причини, но новата ситуација дополнително ги заостри односите меѓу Барселона и шпанскиот фудбалски сојуз.
Интересно е што младиот талент во последните неколку натпревари настапуваше редовно за клубот и не покажа никакви знаци на физичка нестабилност, што ја прави одлуката на двете страни уште поконтроверзна.




