• Зоран Мишевски
Полуфиналињата на Атлетик Билбао во Лига Европа и на Бетис во Конференциската лига не се слават само во Баскија и Андалузија, туку низ цела Шпанија. По сплетот на околности и елиминацијата на италијански и германски претставник во Лига Европа, и математички Шпанија е втората земја која ќе добие петти претставник во Лигата на шампионите следната сезона.
Имено, по Премиер лигата, која е прва на националната табела и петти претставник во Лигата на шампионите обезбеди пред еден месец, сега и Примера може да се пофали со таков потфат. По коефициентот од сите три евро-купови, Шпанија е далеку зад Англија, но веќе има недостижна предност пред Италија, Германија и Франција, кои се класифицирани од третото до петтото место.
Со оваа потврда последните седум кола во Примера ќе бидат пеколни, бидејќи петтото место ќе води во Лигата на шампионите, а во овој момент делуваат извесни на првите четири позиции Барса, Реал, Атлетико Мадрид и Атлетик Билбао.