Шпанија дознала дека Лопетеги оди во Реал пет минути пред официјализацијата!

Челниците на Фудбалската федерација на Шпанија му врачија отказ на Јулен Лопетеги еден ден пред Светското првенство (СП), а причина се тајните преговори со Реал Мадрид.

На вонредната прес-конференција не беше присутен тренерот, туку во негово име зборуваше Луис Рубиалес, првиот човек на шпанскиот фудбал, кој истакна дека федерацијата дознала за трансферот на тренерот пет минути пред официјализацијата.

„Чувме за Лопетеги пет минути пред официјализацијата. А, не може да останете неми, ако дознаете дека за пет минути еден од вашите работници носи јавна одлука дека има нова иднина. Ако некој сака да има добра релација со челниците на шпанскиот фудбал, тогаш треба да зборува и за неговите одлуки затоа што се работи за национален тим, кој е на сите Шпанци, а Светското првенство е на сам почеток. За два дена Шпанија ја очекува важен меч. Сакавме со Жулен да бидеме најдобри, но едноставно приморани сме да реагираме на ваков начин“, вели Рубиалес.

Се уште не е познато кој ќе ја води Шпанија на Мундијалот, а првиот меч на селекцијата е за два дена, против европскиот првак Португалија. Лопетеги имаше договор со Шпанија до 2020 година.