• Горан Упале

Барселона извојува минимална победа на дербито со Атлетико Мадрид со 1-0, а и покрај освоените три бода, каталонскиот клуб е незадоволен од арбитражата на Хозе Санчез Мартинез и неговиот тим.
Судиите предизвикаа голем револт кај играчите на Барселона, а весникот „Спорт“ открива голем скандал кој се случил со помошникот Раул Кабанера на полувремето. Наводно, помошниот судија дошол во соблекувалната, за да ги шпионира Каталонците и да слуша што се зборува за судењето.
„На полувремето од синоќешниот натпревар, помошниот судија Раул Кабанеро застана пред соблекувалната на Барселона и се обиде да слушне дали има дискусија за судењето. Еден од вработените во Барса го советуваше да не го прави тоа и да го напушти местото што е можно поскоро“, пишува „Спорт“.
Санчез изгледаше прилично иагубено на теренот. 40-годишниот судија подели дури девет жолти картони, а и Атлетико дефинитивно не е премногу задоволен од неговата арбитража. Барселона сега бара реакција од Примера, како за судењето на Санчез, така и за шпионирањето на неговиот помошник, па ќе видиме дали ќе се преземе нешто против двајцата.
По вчерашните три бода против Атлетико, Каталонците останаа на третото место на табелата со 34 бодови, четири помалку од Реал Мадрид и Џирона кои се на врвот на табелата.