Шоу на Тричковски, даде ХЕТ-ТРИК за АЕК Ларнака и влезе во историјата

Македонскиот репрезентативец Иван Тричковски имаше фантастично попладне во дресот на АЕК Ларнака и успеа да даде три гола во победата над Докса (0-5).

Тричко беше супер-расположен и ја доби најдобрата оценка од сите фудбалери на теренот. Даде три гола, еден во 22. минута, за потоа да се запише во листата на стрелците во 39. минута, а последниот гол на нашиот репрезентативец пристигна во 77. минута.

Со трите погодоци во дресот на АЕК, Тричковски влезе и во историјата на клубот, како најдобар стрелец на тимот од Ларнака во кипарскиот шампионат.

Македонецот има 36 постигнати гола, со што на листата го мина Жоан Томас, кој има постигнато 35 гола. До ова достигнување Томас дојде во 158 меча, а истото на Тричковски му успеа за само 81 натпревар.

АЕК Ларнака ја прекина кризата од три кола без победа и се искачи на четвртото место во кипарскиот шампионат со 28 бода. Во наредното коло, тимот се среќава со Анортозис.