ВИДЕО: Шоу на Мбапе, кам-бек на Нејмар - Париз ги слави старо-новите шампиони!

ПСЖ ја верификува шестата титула во последните седум години, откако во последниот натпревар од 35. коло го совлада вицешампионот Монако со 3-1 (2-0) на „Паркот на принцовите“. Сите фудбалери на домашната екипа носеа дресови со фотографија и натпис „Нотр Дам“, а средствата од влезниците ќе бидат наменети за реконструкција на оштетениот при пожар објект.

  • Извештај од натпреварот: 

Централна фигура на средбата беше Килиан Мбапе, кој против својата поранешна екипа беше немилосрден и постигна два гола уште во првиот дел. Најнапред перфектно заврши молњевита контра, а потоа реализираше по двојното проигрување со Верати.

По долга пауза во вториот дел шанса доби Нејмар и беше поздравен од скоро 50.000 гледачи во градот на „светлоста“. Се редеа шанси пред голот на Берсаљо и најнапред Мбапе го погоди дирекот, па двата пати за малку непрецизен беше Дани Алвес, а во 55. минута заради офсајд поништен беше голот на Диаби. 

Се играше 56. минута кога момците на Тухел изведоа нова перфектна акција по која Дани Алвес го најде Мбапе, а овој ја закова топката во мрежата за 3-0. Во последните 20 минути Головин и Винициус промашија изгледни шанси за почесен гол на гостите. Иницијативата вроди со плод во 81. минута кога по грешката на Маркињос, Винициус додаде до Головин, а Русинот го совлада Ареола за финални 3-1.

Кавани се врати на теренот по повредата, но Италијанецот Верати се повреди и беше заменет со Дракслер во 75. минута. Во 88. минута оправдано беше поништен и голот на Кавани, а во судиското надополнување се повреди и Германецот Керер.