ВИДЕО: Шоу на Агуеро, Сити со ШЕСТ гола го „размонтира“ очајниот Челзи!

Фудбалерите на Манчестер Сити влегуваат во пеколна форма во пресрет на одлучувачките натпревар од сезоната во Премиер лигата, запишувајќи ја 21. победа во домашниот шампионат. 

Наместо дерби на колото, како што се очекуваше, Сити си поигра со големиот ривал Челзи и му го нанесе најтешкиот овосезонски пораз со високи 6-0. „Сините“ на Маурицио Сари со победата над Хадерсфилд во претходното коло мислеа дека кризата е надмината, но истата, по денешниот неуспех е продлабочена. 

Првакот на Премиер лигата од пред две сезони одигра катастрофално на „Итихад“, делуваше деконцентрирано уште од првата минута, а речиси и ниту еднаш посериозно не се закани кон голот на Едерсон. На спротивната страна, гледавме еден полетен Сити, кој играше брз и едноставен фудбал, кој резултираше со четири гола во мрежата на Челзи по само 25 минути игра. 

Резултатот го отвори Стерлинг, по една одлична тимска акција, а во продолжение, на сцена стапи Серхио Агуеро, кој со два прекрасни гола ја најави убедливата победа. До крајот на првиот дел погоди и Гундоган, додека во вториот дел Агуеро својата фантастична партија ја круниса со нов гол, за комплетирање на нов хет-трик оваа сезона (5-0). Конечните 6-0 ги постави Стерлинг во 80. минута. 

Со оваа победа „граѓаните“ се искачија на лидерското место во Премиер лигата со 65 бода, исто колку и Ливерпул, но „црвените“ имаат натпревар помалку. Челзи пак падна на шестата позиција со 50 бода.