Шокота: Бевме соседи со Роналдо, понекогаш дури ми го чуваше и синот!

Томислав Шокота е пензиониран хрватски фудбалер кој во активната играчка кариера со голем успех играше за Динамо Загреб, а потоа и за португалска Бенфика. Напаѓачот беше дел од „модрите“ во два наврата, а потоа имаше забележителен успех и во Бенфика, каде успеа во две сезони да забележи 22 погодоци. 

Неговото интернационално портфолио ги вклучува уште и Порто, Локерен и Олимпија Љубљана, но сепак најголем траг остави во двата гореспоменати клуба. Тој неодамна  даде опширно интервју за хрватските медиуми, а во него кажа и еден навистина интересен момент поврзан со легендарниот Кристијано Ронадло. Тие биле први соседи во Лисабон и често другарувале, пиеле кафе, а Роналдо дури бил и бебиситер на неговиот син. 

„Точно е дека бевме први соседи со Роналдо. Живеевме во иста зграда во Лисабон. Имавме многу заеднички активности, одевме на прошетки, пиевме кафе заедно, дури иавме и ист банкар кој се грижеше за нашите финансии. Тој беше тогаш младинец во тимот на Спортинг, од каде подоцна замина во Манчестер Јунајтед. Беше неверојатен млад човек, секогаш сакаше да дрибла и не ја даваше топката пречесто. Тоа понекогаш не им се допаѓаше на навивачите, но подоцна сите сфатија за каков талент се работи. Пресреќен сум што многу рано имаше можност да замине во Јунајтед, затоа што кај Алекс Фергусон стана најдобар фудбалер во светот. 

Еднаш ми рече дека јас за него сум бил „пример за професионалец“. Искрено, не знам дали навистина го мислеше тоа, но оваа негова изјава беше вака пренесена и од неколку португалски медиуми, значи го изјавил истото во неколку наврати. Кристијано беше прекрасно младо момче, полно со енергија и страст за фудбалот. Ми беше како помал брат, си помагавме често, а тој понекогаш го чуваше и мојот син додека јас бев на тренинг или кога одев во супермаркет“, изјави пензионираниот фудбалер. 

45-годишниот Томислав Шокота е легенда на Динамо Загреб. За „модрите“ тој одигра 161 натпревар и постигна вкупно 74 голови, додека за хрватскиот национален тим одигра 14 настапи и постигна четири голови.