ШОКАНТНА ОДЛУКА: Манчестер Сити доби забрана за настап во ЛШ!

Сити

Манчестер Сити доби забрана за настап во Лигата на шампионите во наредните две сезони. Оваа одлука ја донесе УЕФА поради кршењето на правилникот и финансискиот фер-плеј. „Граѓаните“ исто така ќе мора да платат 30 милиони евра парична казна. Казната започнува со важност од следната сезона и нема да влијае на тековната сезона во која „граѓаните“ на Гвардиола се меѓу учесниците во пролетните елиминациони натпревари.

Главен виновник за оваа ситуација во која што се најде англискиот гигант е медиумот од Германија, „Дер Шпигел“. Тој сподели мејлови и документи кои покажаа како сопственикот на тимот од Манчестер го финансирал клубот.

Еден од документите покажа дека во сезоната 2015/16 само осум милиони фунти пристигнале од спонзорот „Етихад“, а сите останати средства биле добиени директно од компанијата на Мансур бин Зајед Ал Нијан, „Абу Даби Групс“. Во периодот меѓу 2012 и 2016 година Манчестер Сити ги „пумпал“ сумите од спонзорските договори, а наплата за истите уште не дошло.

Финансискиот фер-плеј беше воведен во 2011 година и им забрани на клубовите да издвојуваат повеќе средства од тие кои во тековната година ќе влезат во клупските каси. Овие ограничувања од УЕФА беа донесени за да се сочува конкурентноста меѓу големите и малите екипи. Случајот беше отворен во 2014 години и заедно со Манчестер Сити, се водеше постапка и против ПСЖ, но до денес немаше исклучувачки санцкии, туку само опомени и парични санкции.

Сити ги одби сите обвинувања и тврдеше дека документите на германскиот медиум се измислени и лажни. Во образложението на УЕФА стои и дека казната се заснова и врз одбегнувањето на клубот од Манчестер да соработува. Од Нион и седиштето на Европската фудбалска централа потврдија дека нема да коментираат евентуална можност Манчестер Сити да се жали на Судот во Лозана (ТАС).

Се очекува жалба од страна на премиерлигашот во наредните неколку дена.

Со оваа одлука првпат драконски се казнува гигант, откако претходно УЕФА беше обвинувана дека строгост тестира врз помалите клубови, а никогаш не „удира“ по големите.