Шокантна изјава: „Зошто да не играме? Па, не е никаква критична состојба...“

Во време кога целиот свет е застанат, а со тоа и сите спортски активности, една држава ѝ пркоси на епидемијата од коронавирусот. Се работи за Белорусија каде фудбалот се игра редовно и тоа со присуство на гледачи на трибините.

Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Белорусија, Владимир Базанов, даде изјава која го шокира целиот свет.

„Зошто да не играме? Ова не е критична ситуација и затоа решивме да продолжиме со најнормално темпо.

Видов дека некаде се играа мечеви со празни трибини. Глупости. Илјадници навивачи доаѓаат пред стадионот, па нема смисла натпреварот да се игра без нив“, смета првиот човек на белорускиот фудбал.

Иако и на белоруско тло има регистрирани случаи со ковид-19, тамошните власти не се загрижени за потенцијалната опасност од вирусот кој одзема човечки животи.

Изминатиот викенд започна првенството во Белорусија и се одигра првото коло. Следните мечеви се закажани за почетокот на април.