• Саше Љолес
Лоши вести пристигнуваат од Мадрид. Бразилскиот офанзивец Родриго заработил сериозна повреда на коленото и постои реална опасност да го пропушти претстојното Светско првенство кое ќе се одржи во текот на летото. За потсетување, мадридскиот гигант загуби од Хетафе на домашен терен со 0-1 и направи нов чекор назад во трката со Барселона за шампионскиот трофеј.
Според првичните информации, станува збор за повреда на лигаментите, а деталните лекарски прегледи треба да ја утврдат точната дијагноза и должината на паузата. Доколку се потврди најцрното сценарио (кинење на предниот вкрстен лигамент), паузата би можела да трае повеќе месеци, што сериозно би ги намалило шансите крилниот напаѓач да биде подготвен за настап на Мундијалот.
Ова би бил тежок удар не само за „кралевите“, туку и за бразилската репрезентација, каде Родриго има значајна улога во нападот. Неговата брзина, дриблинг и способност да решава натпревари во клучни моменти го прават еден од најважните адути во тимот.
Од клубот се очекува официјално соопштение во текот на денот, кое ќе даде појасна слика околу тежината на повредата и потребното време за рехабилитација. Дотогаш, навивачите остануваат во неизвесност, надевајќи се дека повредата сепак нема да значи крај на сонот за настап на најголемата светска сцена.







