Шок за човекот кој го навреди Вини: Доби суспензија и за Светското првенство!

Младиот аргентински фудбалер Џанлука Престијани би можел сериозно да биде оштетен пред настапот на Светско првенство, откако ФИФА ја прошири суспензијата што претходно му ја изрече УЕФА. Причина за казната е вербален инцидент со Винисиус Жуниор за време на натпреварот од Лигата на шампиони меѓу Бенфика и Реал Мадрид.

ФИФА потврди дека суспензијата од шест натпревари ќе важи за сите натпреварувања под нејзина надлежност. Од тие шест меча, три се условни, а Престијани веќе одработил еден натпревар казна во реваншот против Реал Мадрид.

„Дисциплинската комисија на ФИФА одлучи да ја прошири суспензијата изречена од УЕФА на глобално ниво, согласно член 70 од Дисциплинскиот кодекс“, соопштија од организацијата за шпанските медиуми.

Со оваа одлука, Престијани сигурно ќе ги пропушти првите два натпревари на Аргентина на Светското првенство. Доколку направи нов прекршок, би можел да се активира и остатокот од казната. Иако првично имаше сомнежи за расистички навреди, истрагата не го потврди тоа.

Според шпанските медиуми, дисциплинските органи утврдиле дека аргентинскиот фудбалер упатил навреди со хомофобичен карактер кон Винисиус, што довело до строгата санкција.