Шок за Анчелоти и навивачите на Реал: Се повреди првата ѕвезда на тимот!

Репрезентацијата на Бразил загуби на квалификацискиот натпревар за Светското првенство од соодветната селекција на Колумбија (2-1), но поразот не е најголем проблем во таборот на „Селесао“. 

Лоши вести пристигнуваат за сите навивачи на Бразил, но и на Реал Мадрид, затоа што една од главните ѕвезди, Винициус Жуниор, заработи незгодна повреда и не е познато колку ќе отсуствува од терените. Младиот Вини се повреди без никаков контакт, а медиумите шпекулираат дека се работи за истегнување на мускулот. 

Моментот се случи во средината на првото полувреме. Играчот најпрво побара да му биде укажана лекарска помош, а потоа беше заменет и го проследи остатокот од мечот од клупата за резерви. Шпанскиот „АС“ денес објави дека Винициус најверојатно нема да игра до крајот на оваа година, но сѐ уште нема никаква потврда за такво нешто. 

Дополнителните лекарски прегледи ќе го дадат одговорот, а навивачите на Реал се надеваат дека нивната ѕвезда нема премногу долго да паузира и веќе му изразија поддршка на социјалните мрежи. „Кралевите“ во моментов имаат два бода заостанување зад лидерот Џирона, а отсуството на Винициус секако дека ќе му создаде проблеми на тренерот Анчелоти, кој остана и без услугите на Едуардо Камавинга. Французинот се повреди на собирот со својата репрезентација и веднаш се врати во Мадрид, но и неговата ситуација сѐ уште е неизвесна.